Thursday, December 5, 2019

МПЦ добила мошти од Св. Ѓорги Кратовски

Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА по молба на парохиски свештеник ереј Горан Трпчевски,доби мошти од Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски, на дар од Драгалевскиот Манастир за истоимената црква во Детроит, САД.
По милоста Божја и по молитвите на Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски и со благослов од нашиот надлежен Архиереј, Митрополитот на Американско-Канадската Македонска Православна Епархија г. Методиј, на 8 септември 2019 лето Господово, во нашата Македонска Православна Црква-ОА “Св. Вмч Ѓорѓи Кратовски” во Фармингтон Хилс, Детроит Метро во Мичиген, САД, пристигнаа Моштите на светителот донесени од ѓаконот д-р Дејан Коруноски.

По предавањето на Моштите, се одржа Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот г. Методиј во сослужение на Архиерејскиот Намесник на Централно-западното Американско Архиерејско Намесништво, протоереј Драган Јорданов и парохискиот свештеник ереј Горан Трпчевски.
После службата се пристапи кон поклонение на Светите Мошти од страна на клирот и на верниот народ, по што беше приреден и свечен празничен ручек, во дворот на нашата Црква.

Ова е историски момент не само за нашата Црква, туку и за нашата Епархија и за целата Македонска Православна Црква. Овој бесценет дар, останува во нашата Црква, па сега го имаме нашиот патрон Св. Вмч Ѓорѓи Кратовски и физички присутен во нашата Црковна заедница.
Не случајно Бог благослови да имаме еден голем светител од нашиот род овде, далеку од нашата татковина. Читајќи го житието на светителот, не можеме да останеме имуни на неговиот подвиг и мачеништвото што тој го направи, кое за нас треба да биде пример како се сака Христос, како се пострадува за својата вера и за својот народ.
По молитвите на Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски и на светите отци наши, Господе Исусе Христе, помилуј не!


No comments:

Post a Comment