Светиот Синод на Бугарската православна црква на
заседанието одржано на 31 март оваа година, донел одлука да се започне со
просецот за собирање на сведоштва за некогашниот Неврокопски митрополит Борис
Разумов (1888-1948), со цел негово вбројување во Диптихот на Светиите на
православната Христова Црква.
Одлуката била донесена по претходно разгледување на
предлогот изнесен од страна на сегашниот Неврокопски митрополит Серафим, кој ги
запознал своите собраќа архиереи со основите за причислување на митрополитот
Борис во соборот на Светиите. Сега претстои да се формира посебна комисија што
ќе го разгледува ова прашање, собирајќи сведоштва за животот на овој речиси
современ сведок на вистината Христова, како и за благодатната помош на луѓето,
добиена по негово молитвено застапништво.
Она што претставува голема радост за нас е фактот
што свештеномаченикот Борис (Разумов) е родум Македонец, од
селото Ѓавато,
Битолско. Бил роден на 8/26 ноември 1888 година, на самиот ден на Св. Вмч.
Димитриј Солунски, во побожно и патриотско македонско семејство од Ѓавато. На
крштението му го дале името Вангел. Неговиот татко бил комита во четата на
познатиот наш војвода Ѓорѓи Сугарев, и како и многумина други, го положил
својот живот за Татковината и ближните во времето на Илинденската епопеја во
есента 1903 година.
Уште од рани години, Вангел се посветува на својата
духовна наобразба. Ја завршува Одринската трокласна гимназија, и како голем
вљубеник во евангелското слово, во 1904 година го продолжува своето образование
во Духовната семинарија во Цариград, со помош на стипендијата доделена од
страна на егзархот Јосиф Ι. Во 1910 година го завршува богословското училиште
со одличен успех и во јуни истата година, во црквата „Св. Стефан“ примил монашки
потстриг од страна на Неврокопскиот митрополит Иларион. Веднаш бил ракоположен
и за јероѓакон. Во 1911 г. го продолжува своето образование на Богословскиот
факултет во Черновиц, Австро-Унгарија, и во 1915 го завршува со научен степен
„доктор по богословски науки“.
Во истата, 1915 г., е назначен за учител во
свештеничкото училиште во Бачково, а потоа го среќаваме како учител во
Пловдивската духовна семинарија. На 25 ноември 1917 година, јероѓаконот Борис е
ракоположен во јеромонашки чин од страна на тогашниот Пловдивски митрополит
Максим, кој веднаш го испраќа како раководител на црковно-просветна мисија меѓу
словенското население во Унгарија.
Во 1922 се враќа назад и во јули истата година се
удостојува со архимандритското достоинство. Од мај 1923 г. до септември 1924 г.
архимандритот Борис ја врши функцијата протосингел при Софиската митрополија, а
од септември 1924 г. до септември 1926 г. е началник на културно-просветното
одделение при Светиот синод и претседател на катедралниот храм „Св. Александар
Невски“. Од септември 1926 г. до крајот на ноември 1931 г. е ректор на
Софиската духовна семинарија.
Од 28 ноември 1931 година е главен секретар на
Светиот синод, а кон средината на декември истата година архимандрит Борис е
хиротонисан за епископ Стобиски. Како главен секретар на Синодот останува до 17
март 1935 година, кога е избран за Неврокопски митрополит. Народот во Неврокоп
го дочекува со извикот: „Добредојде, свети владико!“
Во меѓувреме, во 1932 г. на него е возложена тешката
и историска мисија за симнување на шизмата од страна на Цариградската
патријаршија. После напорните преговори, оваа мисија завршува успешно дури на
22 февруари 1945 година, кога шизмата е конечно укината.
За време на Втората светска војна, митрополитот
Борис станува и привремен администратор на Драмската епархија во Егејска
Македонија.
Богољубивиот архиереј, целосно посветен на црковното
и народно дело, со големи трудови и подвизи дал навистина голем придонес на тоа
поле. За кратко време успева да изгради над 20 храмови. Од своите современици
бил нарекуван „совест на Црквата“, поради неговото исклучително образование но
и голема просветленост. Меѓу другото, зборувал 13 јазици. Бил нестрашлив борец
и гласноговорник против комунистичкиот атеизам. На 29 септември 1948 година испратил
протесно писмо до Светиот синод поради насилствата на комунистичката управа во
Неврокопската епархија. Митрополитот Борис храбро говорел дека најголемото зло
ќе дојде од Советскиот сојуз, изобличувајќи ги сталинистичките прогони на
Црквата Христова. Некои од неговите слушатели, збунети поради ваквите остри
критики, го прашувале како можело од една Русија, која се сметала за најголема
помошничка и заштитничка на православните народи, да дојде едно такво големо
зло. Боговдахновениот Владика им одговарал: „Навистина е така, но тешко му на
овој народ што ги примил Христовите светињи, а не успева да ги сочува! И
доколку тој народ не се покае, тешко на тој народ!“
Поради ваквите негови антикомунистички проповеди,
комунистичката партија на Бугарија го прогласила за „непријател број 1 на
народната власт“. Против него започнала силна агитација. Во комунистичкиот
орган „Работничко дело“ бил издаден напис, насловен како „Еден недостоен
служител на православната Црква во Бугарија“, во кој најбезобразно бил критикуван
митрополитот Борис. Меѓутоа оваа непријателска пропаганда воопшто не го
уплашила, така што тој и понатаму продолжил да сведочи за Вистината. Во тоа
време издал и една кратка книшка со името: „Кризата во нашето училиште“, каде
пишува дека образованието ја изгубило својата вистинска цел – образување на
душата во Бога. Наместо тоа, „во нашето училиште не само што не се изучува Бог,
туку и јавно се одрекува. А кога се одрекува Бог, тогаш се одрекува и се руши
сè што е Божествено и возвишено во животот на човекот, а со тоа, пак, се
одрекува и се негира човекот и самата негова суштина“ – пишува митрополитот
Борис.
Не можејќи повеќе да го трпат праведното
разобличение од страна на Божјиот служител, комунистичките водачи прибегнале
кон, на нив својствениот метод – ликвидација. За остварување на оваа злобна
цел, тие нашле некој поранешен свештеник, кој бил расчинет поради кражба на
црковен имот и пари, па дури и лежел неколку години в затвор.
Непосредно пред својот маченички крај, митрополитот
Борис на своите блиски им рекол: „Дојдов да се збогувам, зашто оваа ќе биде
нашата последна средба. Синоќа имав видение - мојот крај се приближува. Сонував
како падна оган од небото и огнот ме грабна на небо. Наскоро ќе одам да го
осветам храмот ‘Св. Димитриј’ во селото Карлово, и најверојатно таму ќе ми биде
крајот“.
На денот на својот 60-ти роденден, односно на
празникот на Св. Вмч. Димитриј, 8 ноември 1948 година, митрополитот Борис
Разумов заминал во селото Карлово, каде што извршил чин на осветување на храмот
„Св. Димитриј“ и отслужил Света Литургија. На проповедта во храмот, тој, меѓу
другото, рекол: „Секогаш да си спомнуваме и да се подготвуваме за смртта.
Спомнувај си за својот крај и никогаш нема да згрешиш!“ После завршувањето на
Литургијата, пред погледот на целиот народ, тој бил ладнокрвно застрелан од
страна на комунистичкиот предавник. Последните зборови на добриот владика биле:
„Немој! Правиш голем грев!“
Така, свештеномаченикот Борис Разумов се прославил и
примил маченички венец на самиот ден на Св. Димитриј, и се преселил во
вечноста, за заедно со него и со целиот собор на Светии непрестајно да се
насладува од неискажливата убавина Христова.
Бил погребан во храмот „Воведение на Пресвета
Богородица“ во Горна Џумаја, каде што било извршено и опелото. Неговиот убиец,
расчинетиот свештеник, го снашла голема Божја казна, така што тој накрај
завршил во лудница, постојано повторувајќи ги зборовите: „Јас го убив..., јас
го убив...“
Извор: bigorski.org.mk
Извор: bigorski.org.mk
Comments
Post a Comment