Skip to main content

Бугарската православна црква ќе го канонизира свештеномаченикот Борис Разумов од битолско Ѓавато

Светиот Синод на Бугарската православна црква на заседанието одржано на 31 март оваа година, донел одлука да се започне со просецот за собирање на сведоштва за некогашниот Неврокопски митрополит Борис Разумов (1888-1948), со цел негово вбројување во Диптихот на Светиите на православната Христова Црква.


Одлуката била донесена по претходно разгледување на предлогот изнесен од страна на сегашниот Неврокопски митрополит Серафим, кој ги запознал своите собраќа архиереи со основите за причислување на митрополитот Борис во соборот на Светиите. Сега претстои да се формира посебна комисија што ќе го разгледува ова прашање, собирајќи сведоштва за животот на овој речиси современ сведок на вистината Христова, како и за благодатната помош на луѓето, добиена по негово молитвено застапништво.
Она што претставува голема радост за нас е фактот што свештеномаченикот Борис (Разумов) е родум Македонец, од 
Signature of Metropolitan Boris of Nevrokop (vectorized).svgселото Ѓавато, Битолско. Бил роден на 8/26 ноември 1888 година, на самиот ден на Св. Вмч. Димитриј Солунски, во побожно и патриотско македонско семејство од Ѓавато. На крштението му го дале името Вангел. Неговиот татко бил комита во четата на познатиот наш војвода Ѓорѓи Сугарев, и како и многумина други, го положил својот живот за Татковината и ближните во времето на Илинденската епопеја во есента 1903 година.

Уште од рани години, Вангел се посветува на својата духовна наобразба. Ја завршува Одринската трокласна гимназија, и како голем вљубеник во евангелското слово, во 1904 година го продолжува своето образование во Духовната семинарија во Цариград, со помош на стипендијата доделена од страна на егзархот Јосиф Ι. Во 1910 година го завршува богословското училиште со одличен успех и во јуни истата година, во црквата „Св. Стефан“ примил монашки потстриг од страна на Неврокопскиот митрополит Иларион. Веднаш бил ракоположен и за јероѓакон. Во 1911 г. го продолжува своето образование на Богословскиот факултет во Черновиц, Австро-Унгарија, и во 1915 го завршува со научен степен „доктор по богословски науки“.

Во истата, 1915 г., е назначен за учител во свештеничкото училиште во Бачково, а потоа го среќаваме како учител во Пловдивската духовна семинарија. На 25 ноември 1917 година, јероѓаконот Борис е ракоположен во јеромонашки чин од страна на тогашниот Пловдивски митрополит Максим, кој веднаш го испраќа како раководител на црковно-просветна мисија меѓу словенското население во Унгарија.

Во 1922 се враќа назад и во јули истата година се удостојува со архимандритското достоинство. Од мај 1923 г. до септември 1924 г. архимандритот Борис ја врши функцијата протосингел при Софиската митрополија, а од септември 1924 г. до септември 1926 г. е началник на културно-просветното одделение при Светиот синод и претседател на катедралниот храм „Св. Александар Невски“. Од септември 1926 г. до крајот на ноември 1931 г. е ректор на Софиската духовна семинарија.

Од 28 ноември 1931 година е главен секретар на Светиот синод, а кон средината на декември истата година архимандрит Борис е хиротонисан за епископ Стобиски. Како главен секретар на Синодот останува до 17 март 1935 година, кога е избран за Неврокопски митрополит. Народот во Неврокоп го дочекува со извикот: „Добредојде, свети владико!“ 
Во меѓувреме, во 1932 г. на него е возложена тешката и историска мисија за симнување на шизмата од страна на Цариградската патријаршија. После напорните преговори, оваа мисија завршува успешно дури на 22 февруари 1945 година, кога шизмата е конечно укината. 
За време на Втората светска војна, митрополитот Борис станува и привремен администратор на Драмската епархија во Егејска Македонија.

Богољубивиот архиереј, целосно посветен на црковното и народно дело, со големи трудови и подвизи дал навистина голем придонес на тоа поле. За кратко време успева да изгради над 20 храмови. Од своите современици бил нарекуван „совест на Црквата“, поради неговото исклучително образование но и голема просветленост. Меѓу другото, зборувал 13 јазици. Бил нестрашлив борец и гласноговорник против комунистичкиот атеизам. На 29 септември 1948 година испратил протесно писмо до Светиот синод поради насилствата на комунистичката управа во Неврокопската епархија. Митрополитот Борис храбро говорел дека најголемото зло ќе дојде од Советскиот сојуз, изобличувајќи ги сталинистичките прогони на Црквата Христова. Некои од неговите слушатели, збунети поради ваквите остри критики, го прашувале како можело од една Русија, која се сметала за најголема помошничка и заштитничка на православните народи, да дојде едно такво големо зло. Боговдахновениот Владика им одговарал: „Навистина е така, но тешко му на овој народ што ги примил Христовите светињи, а не успева да ги сочува! И доколку тој народ не се покае, тешко на тој народ!“

Поради ваквите негови антикомунистички проповеди, комунистичката партија на Бугарија го прогласила за „непријател број 1 на народната власт“. Против него започнала силна агитација. Во комунистичкиот орган „Работничко дело“ бил издаден напис, насловен како „Еден недостоен служител на православната Црква во Бугарија“, во кој најбезобразно бил критикуван митрополитот Борис. Меѓутоа оваа непријателска пропаганда воопшто не го уплашила, така што тој и понатаму продолжил да сведочи за Вистината. Во тоа време издал и една кратка книшка со името: „Кризата во нашето училиште“, каде пишува дека образованието ја изгубило својата вистинска цел – образување на душата во Бога. Наместо тоа, „во нашето училиште не само што не се изучува Бог, туку и јавно се одрекува. А кога се одрекува Бог, тогаш се одрекува и се руши сè што е Божествено и возвишено во животот на човекот, а со тоа, пак, се одрекува и се негира човекот и самата негова суштина“ – пишува митрополитот Борис.

Не можејќи повеќе да го трпат праведното разобличение од страна на Божјиот служител, комунистичките водачи прибегнале кон, на нив својствениот метод – ликвидација. За остварување на оваа злобна цел, тие нашле некој поранешен свештеник, кој бил расчинет поради кражба на црковен имот и пари, па дури и лежел неколку години в затвор. 
Непосредно пред својот маченички крај, митрополитот Борис на своите блиски им рекол: „Дојдов да се збогувам, зашто оваа ќе биде нашата последна средба. Синоќа имав видение - мојот крај се приближува. Сонував како падна оган од небото и огнот ме грабна на небо. Наскоро ќе одам да го осветам храмот ‘Св. Димитриј’ во селото Карлово, и најверојатно таму ќе ми биде крајот“.

На денот на својот 60-ти роденден, односно на празникот на Св. Вмч. Димитриј, 8 ноември 1948 година, митрополитот Борис Разумов заминал во селото Карлово, каде што извршил чин на осветување на храмот „Св. Димитриј“ и отслужил Света Литургија. На проповедта во храмот, тој, меѓу другото, рекол: „Секогаш да си спомнуваме и да се подготвуваме за смртта. Спомнувај си за својот крај и никогаш нема да згрешиш!“ После завршувањето на Литургијата, пред погледот на целиот народ, тој бил ладнокрвно застрелан од страна на комунистичкиот предавник. Последните зборови на добриот владика биле: „Немој! Правиш голем грев!“ 
Така, свештеномаченикот Борис Разумов се прославил и примил маченички венец на самиот ден на Св. Димитриј, и се преселил во вечноста, за заедно со него и со целиот собор на Светии непрестајно да се насладува од неискажливата убавина Христова. 
Бил погребан во храмот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Горна Џумаја, каде што било извршено и опелото. Неговиот убиец, расчинетиот свештеник, го снашла голема Божја казна, така што тој накрај завршил во лудница, постојано повторувајќи ги зборовите: „Јас го убив..., јас го убив...“ 

Извор: bigorski.org.mk

Comments

Popular posts from this blog

НОВИ СВЕТИТЕЛИ: Света Преподобномаченичка Стефанида Битолско-скадарска

Oваа малку позната монахиња и пред нејзиното официјално канонизирање, верниците во Српската православна црква сепак ја сметале за светица и голема сoвремена подвижница. Во Македонија нејзиниот култ е посебно почитуван во манастирот во кој се наоѓаат нејзините мошти и со години на неколку празници се изложуваат во манастирот во село Крстоар, Битолско. А СПЦ има издадено книга посветена на светителката    „Христе, животе мој“ која во 2023 година го добива третото и дополнето издание.   Нејзините писма во 1963 година ги открива тогаш веќе дипломираниот теолог Ристо Радовиќ подоцна митрополит Амфилохие, во библиотеката на Дечанскиот манастир, тој со години собирал сведоштва за нејзиниот живот, бил во нејзиното родно место, во местото каде што била нејзината куќа и го барал нејзиниот гроб во манастирот Свети Христофор. Нејзиното име и го дал на монахињата Стефанида, избирајќи ја за свој небесен покровител. Која со негов благослов напиша акатист за преподобната Стефанида. Преподобната Стефан

МПЦ добила мошти од Св. Ѓорги Кратовски

Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА по молба на парохиски свештеник ереј Горан Трпчевски,доби мошти од Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски, на дар од Драгалевскиот Манастир за истоимената црква во Детроит, САД. По милоста Божја и по молитвите на Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски и со благослов од нашиот надлежен Архиереј, Митрополитот на Американско-Канадската Македонска Православна Епархија г. Методиј, на 8 септември 2019 лето Господово, во нашата Македонска Православна Црква-ОА “Св. Вмч Ѓорѓи Кратовски” во Фармингтон Хилс, Детроит Метро во Мичиген, САД, пристигнаа Моштите на светителот донесени од ѓаконот д-р Дејан Коруноски. По предавањето на Моштите, се одржа Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот г. Методиј во сослужение на Архиерејскиот Намесник на Централно-западното Американско Архиерејско Намесништво, протоереј Драган Јорданов и парохискиот свештеник ереј Горан Трпчевски. После службата се пристапи кон поклонение на Светите Мошти

НОВИ СВЕТИТЕЛИ : Свети Гаврил Светогорец Епископ Велички

Епископот Велички Гаврил е роден на 12 јануари 1926 година  во Штип како Мијалче од Православни родители Методиј ( подоцна, со монашко име, Кирил) И Горица Парнаџиеви. Основото и средно училиште ги завршува во родниот Штип. Од 1944 година бил учесник во НОБ подоцна прекомандуван во Корпусот на народната одбрана. По демобилизацијата бил во служба во Народниот одбор во Штип. Бил граничен секретар во Царево село (Делчево), потоа во Кавадарци и на граничната линија на Кајмакчалан. Потоа се запишува на Факултетот за ликовни уметности во Белград каде дипломира во 1955 година по што станува професор по уметност и историја на уметност во гимназијата и Учителската школа во Штип. Мијалче бил еден од најдобрите вајари во земјата, по оцената на ревизорот и познат уметник Борко Лазески, Мијалче бил и еден од најспособните педагози. Скулптурите на Мијалче (Гаврил) и татко му долго ги краселе парковите и институциите во Штип. Бидејќи скулптурите биле од гипс, кој е доста тежок за одржување голем дел