Skip to main content

НОВИ СВЕТИТЕЛИ: Свети праведен Јоаким Крчовски - учител и просветител

 


На 22.05.2022 година во Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, беше  обнародена одлуката на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со која преподобниот игумен Јоаким Крчовски е вброен во ликот на светителите на Православната Црква. Споменот на преподобниот Јоаким Крчовски – учител и просветител, ќе се празнува на 23 мај по новиот стил.



Во досегашните истражувања, Крчовски го сместуваат само во книжевноста, меѓутоа неговата дејност сеуште не е доволно прочуена. Кратко пред канонизацијата од печат излезе нов труд, творба на сестринството од слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ со наслов „Свети праведен Крчовски“, во која се изложени нови и значајни сознанија и расветлувања на овој македонски преродбеник.

Јоаким Крчовски живеел од 1750 до 1820 година и се смета за еден од првите македонски просветители како свештеник и учител. Нема точна потврда каде е роден, но според одредени историски записи потекнува од Кичевски, Осломеј. Починал во 1820 година, три години по неговото замонашување.

Преподобниот Јоаким Крчовски е автор на следниве дела: „Слово исказаное заради умирание“, печатена 1814 г. во Будим; „Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“, отпечатена исто 1814 г. во Будим; „Чудеса Пресвјатија Богородици“, 1817 г. во Будим; „Сија книга глаголаемаја митарства“, 1818 г. во Будим и „Различна поучителна наставленија“, 1819 г. во Будим.


Крчовски користел текстови од Евангелието и Стариот завет за да ги поучи луѓето да го поправат својот карактер и да живеат според христијанскиот морал. Според него, пијанчењето е најголем грев, но и другите пороци: лакомството, суеверието, лажењето, крадењето, итн. Тој е револтиран од социјалната нееднаквост на луѓето и ја велича наобразбата и учителите.

Неговите дела одиграле важна улога во верската и моралната просвета. Зацврстувањето на верата значело и зацврстување на националната свест. Неговите текстови не се со оригинална содржина, тоа се преводи или преработки на христијански текстови, но важно е тоа што се напишани на народен македонски јазик - на кратовско-кривопаланечки говор, со примеси од западните говори, и црковнословенски елементи. Затоа тие претставуваат почеток на новата македонска книжевност.

Слово заради завист (од „Различна поучителна наставленија“)

Темата на текстот е зависта како негативна човекова особина, а идејата - да се искорени тоа човечко зло. Композициски текстот има: воведен дел, изложување и заклучок. Во воведниот дел авторот го изнесува своето размислување за зависта, кое според него е лошо, одбивно и погубно чувство. Зависта ја нарекува - проклетија, мрска и погана, затоа што е извор на секое зло, не само на земјата туку и на небото. Изложување - во овој дел ќе образложи каде, кога и како се појавила зависта земајќи примери од „Библијата“. Според библиската легенда, таа прво се појавила меѓу ангелите. Еден ангел што светел како сонце му завидел на Бога, сакајќи и тој да поседува чудотворна моќ, но бидејќи не можел, од завист потемнел и станал црн ѓавол. За казна Бог го исфрлил од рајот и го фрлил во пеколот вечно да се мачи. Така се родила зависта, односно ѓаволот кој е нејзин симбол. Но, зависта не мирувала. Ѓаволот им завидел на Адам и Ева зашто уживале во рајот и за да им напакости се престорил во змија. Така, ја наговорил Ева да не го слуша Господ и да касне од плодот на сознанието. Тие биле казнети од Бога, протерани од рајот и станале смртни. Зависта била причина и за првото братоубиство на земјата - Каин го убил својот брат Авел заради завист. Оттогаш почнала да се лее крв на земјата. Во завршниот дел, Крчовски ги коментира овие примери и дава заклучоци, велејќи: „...Она учи да се не слуша заповед божја, братоубиствена мајка, смерти ходатаица, корен на сичко зло. Завист не е друго што, салт на срце печал, жалба...“


Во насловите на неговите книги се забележани одредени имиња на „настојатели“, на луѓе што се грижеле за нивното печатење или го смогнале: Димитрија Филипович, жител кратовски, родум од Крива Паланка, Димитрија Јованович - Зузура од Сечишта, Кир Хаџи Пецо од Штип, Кир Хаџи Станко од Кратово и Нешо Маркович од Кратово. Тие се „господари“ и „купци“, луѓе од трговскиот сталеж, ангажирани, во пропагирањето на книги на народен јазик во почетокот на минатиот век. Македонските трговски и занаетчии ја претставуваат во споменатото време онаа средина што можела да го организира и материјално да го помогне издавањето на тие книги во далечниот град Будим. Списокот на „Чудеса“ покажува дека најголема поддршка Јоаким нашол во Кратово, Крива Паланка, Кочани и Скопје (во тие места се собрани суми од 120-160 гроша). Прилози дошле уште од Струмица, с. Кокошиње и од следните места од Западна Бугарија: Самоков, Дупница и с. Рила. Јоаким ја имал поддршката и на Ќустендилскиот владика Авксентиј, до кого секако требало како монах да се обрати во врска со печатењето на својата книга. Списокот во „Наставленија“ е значително подолг. Јоаким успеал да собере како претплата над 2 200 гроша. Скоро половината од таа сума ја сочинува прилогот на познатиот тогаш, како помагаш на манастири и училишта, пловдивскиот чорбаџија Господар Влко (600 гроша) и на Ново Село, Штипско (500 гроша). Значителен е прилогот од Самоков и Самоковско (над 400 гроша). Во списокот се среќаваат претплатници од уште овие места: Штип и Штипско, Дупница, Радовиш, Кратово, Довезенци, Велес, Битола, Скопје, Гари, Тресонче, Лазарополе, Галичник, Гостивар, Џумаја, Ниш и Лесковац. Кругот е поширок одошто оној на кој имал можност да се обрати подоцна, во почетокот на 30-те години на минатиот век, Кирил Пејчиновиќ, барајќи претплатници за својата книга „Утешение грешним“. Во списокот на „Различни поучителни наставленија“ се среќаваат имињата на Петре Теледур и Марко Теледур од с. Гари. Тоа се две најславни имиња во тој список, двајцата теледури што ги изработиле чудесните иконостаси во Св. Јован Бигорски, Св. Спас во Скопје и во Лесновскиот манастир. Значаен е овој податок за врската на нашите писатели и ликовни уметници во почетокот на XX век.

Крчовски во својот работен век ја ширел верската просвета на народен јазик во кој употребувал црковнословенски елементи. Во неговото творештво се забележува продолжување на средновековната книжевна традиција, иако тој бил и под влијание на европското (пред сè француското) просветителство, кои дошле преку влијанијата на Доситеј Обрадовиќ од Србија. Неговите дела се отпечатени во печатницата во Будим, а поради опасноста од елинизација тие биле силно помогнати и поддржани од македонскиот еснаф.

Книгата „Свети праведен Крчовски“, покрај расветлувањето на годината на неговото раѓање и родно место, објавени се поинакви погледи за неговото творештво. Од творечкото перо на сестринството од Слепченскиот манастир по голема Божја милост, како што тие умеат да кажат, се создаде и акатист и прототипна икона на Јоаким Крчовски за негова достојна прослава.

Презентирани се сериозни научни аргументи во полза на тезата дека овој наш преродбеник потекнува од село Крчово, во егејскиот Демир Хисар, спротивно на досегашното толкување дека неговото презиме потекнува од турското име на градот Кичево. Особено битно е што едем дел од поучните слова на Крчовски се преведени на современ македонски јазик, со што нивната поушна содржина се доближува до денешните верни чеда на Македонската православна црква, На тој начин Сестринството на Слепченскиот манастир го продолжува делото на праведниот отец Јоаким Крчовски, кој своите проповеди, исто така, ги пишувал и говорел во светите македонски храмови на разбирлив за верникот дијалектен говор.



Во продолжение чујте ги житието, тропарот и кондакот на Светиот преподобен Јоаким Крчовски.







Comments

Popular posts from this blog

НОВИ СВЕТИТЕЛИ: Света Преподобномаченичка Стефанида Битолско-скадарска

Oваа малку позната монахиња и пред нејзиното официјално канонизирање, верниците во Српската православна црква сепак ја сметале за светица и голема сoвремена подвижница. Во Македонија нејзиниот култ е посебно почитуван во манастирот во кој се наоѓаат нејзините мошти и со години на неколку празници се изложуваат во манастирот во село Крстоар, Битолско. А СПЦ има издадено книга посветена на светителката    „Христе, животе мој“ која во 2023 година го добива третото и дополнето издание.   Нејзините писма во 1963 година ги открива тогаш веќе дипломираниот теолог Ристо Радовиќ подоцна митрополит Амфилохие, во библиотеката на Дечанскиот манастир, тој со години собирал сведоштва за нејзиниот живот, бил во нејзиното родно место, во местото каде што била нејзината куќа и го барал нејзиниот гроб во манастирот Свети Христофор. Нејзиното име и го дал на монахињата Стефанида, избирајќи ја за свој небесен покровител. Која со негов благослов напиша акатист за преподобната Стефанида. Преподобната Стефан

МПЦ добила мошти од Св. Ѓорги Кратовски

Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА по молба на парохиски свештеник ереј Горан Трпчевски,доби мошти од Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски, на дар од Драгалевскиот Манастир за истоимената црква во Детроит, САД. По милоста Божја и по молитвите на Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски и со благослов од нашиот надлежен Архиереј, Митрополитот на Американско-Канадската Македонска Православна Епархија г. Методиј, на 8 септември 2019 лето Господово, во нашата Македонска Православна Црква-ОА “Св. Вмч Ѓорѓи Кратовски” во Фармингтон Хилс, Детроит Метро во Мичиген, САД, пристигнаа Моштите на светителот донесени од ѓаконот д-р Дејан Коруноски. По предавањето на Моштите, се одржа Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот г. Методиј во сослужение на Архиерејскиот Намесник на Централно-западното Американско Архиерејско Намесништво, протоереј Драган Јорданов и парохискиот свештеник ереј Горан Трпчевски. После службата се пристапи кон поклонение на Светите Мошти

НОВИ СВЕТИТЕЛИ : Свети Гаврил Светогорец Епископ Велички

Епископот Велички Гаврил е роден на 12 јануари 1926 година  во Штип како Мијалче од Православни родители Методиј ( подоцна, со монашко име, Кирил) И Горица Парнаџиеви. Основото и средно училиште ги завршува во родниот Штип. Од 1944 година бил учесник во НОБ подоцна прекомандуван во Корпусот на народната одбрана. По демобилизацијата бил во служба во Народниот одбор во Штип. Бил граничен секретар во Царево село (Делчево), потоа во Кавадарци и на граничната линија на Кајмакчалан. Потоа се запишува на Факултетот за ликовни уметности во Белград каде дипломира во 1955 година по што станува професор по уметност и историја на уметност во гимназијата и Учителската школа во Штип. Мијалче бил еден од најдобрите вајари во земјата, по оцената на ревизорот и познат уметник Борко Лазески, Мијалче бил и еден од најспособните педагози. Скулптурите на Мијалче (Гаврил) и татко му долго ги краселе парковите и институциите во Штип. Бидејќи скулптурите биле од гипс, кој е доста тежок за одржување голем дел