Skip to main content

НОВИ СВЕТИТЕЛИ: Светите исповедници и праведни Спасе и Спаса Вишенски


   
На околу два километри североисточно од селото Вишни, Струшко, по кањонот на реката Сушица, се наоѓа пештерната црква Свети Спас (Вознесение Христово) во чија непосредна близина се наоѓаат Вишенски извори.








 Во струшкиот крај, поточно во селата Вишни и Вевчани, Спасовден е ден кога тамошните луѓе се потсетуваат на една стара легенда. Како што кажува таа – во Вевчани некогаш живееле брат и сестра Спасе и Спаса  кои  бегале од турците за да ја спасат честа своја, на родот и верата христијанска. Побегнале на две страни, разделувајќи се со тешко срце, но со аманет, така осамени да го дочуваат заветот. Барем едниот од нив, ако преживее. За среќа, преживеале двајцата. Таа, своето скровиште го побарала во дивиот предел на кањонот на Сушица, во пештера тајна и скришна, високо во карпите и се населила на непристапни терени.  Спасе станал пустиник, талкајќи низ високата гора и се оддал на аскетски живот, често прогонуван и поганет, дружен со орлите и молњите на Шкала вевчанска, сe додека не се засолнал меѓу карпите во дабовата шума над Вевчани.  Се верува дека нивните имиња им ги дал народот. Тие биле сираци без родители, заради што свое прибежиште за спасение на душите, побарале во еден манастир кој бил посветен на Свети Спас. Тој се наоѓал недалеку од тука, на ридот Бабуш кај селото Заграчани, каде тие  живееле испоснички живот. Поради ова, населението од целиот крај ги прифатил како светци и кон нив се однесувале со особена почит.Особено била почитувана сестрата која се викала Спасица, која кога се задевојачила, се преселила во пештерната црква кај с. Вишни каде, живеејќи како монахиња и ткаејќи по цел ден килими на разбој, го минала остатокот од својот живот и каде се упокоила.  
По нејзината смрт, а живеела долго, селаните од с. Вишни сакале да го сочуваат споменот за неа. По една предание долго по нејзиното упокојување, во една бессона ноќ, светителката се јавила на рабина Марија, христијанка од Белица, која била неподвижна, барајќи милост за спокој на душата: – “Кажи им на вишенци да ми ги соберат коскиве оти немам мир!”. Откако се јавила и втор пат, Марија добива чудна сила и заедно со својот брат тргнуваат сред мракот да ги пронајдат моштите. И во тој час, додека ги завиткувала моштите, да ги носи во црквата во селото, ја облеала радост, нејзиниот чекор станал лесен, а болната и вкочанета става – небично подвижна и лесна. Вистинско чудо!  Оттогаш тие почиваат тука, во црквата “Св. Атанасиј”. Но, луѓето како луѓе, почнале да земаат сите по малку од черепот на Спасица: кој за к’смет, кој за здравје, за радост во куќата и така половина од него бил веќе разземен. Тогаш се нашла некоја жена, Љубинка од Мали Влај, мажена во Вишни. Таа, бидејќи била многу побожна, а и нејзиниот маж бил болен, решила да направи една добрина за светицата. Па така, му порачала на својот татко во Влашко, тамошните мајстори, кувенџии, да изработат сребренамаска со ореол. Таа и денес го заштитува нејзиното лице, а моштите се чуваат во дрвеното сандаче што таа го изработила кај овдешните мајстори. Моштите на оваа светица станале вистинска реликвија, а девојките од Вишни љубоморно ги чуваат. Според други извори жителите на Вишни, го зеле нејзиниот череп и го однеле во Струга кај најдобриот и најпрочуениот кујунџија од тоа време за тој од срма и филигран, да направи сребрена маска со која ќе се заштитат останките на Светата Спасица. Во годините потоа маската на Св. Спасица станала најценета реликвија на пештерската црква. Оттогаш секој Спасовден девојките од с. Вишни и околните села се собираат за да појдат на поклонение во црквата носејќи притоа подароци. Имено според легендата се верува дека таа ќе им помогне што побргу среќно да се омажат. Според утврдениот ритуал девојките, откако ќе се поклонат на Светицата ја земаат нејзината сребрена маска и со неа го обиколуваат целото село, одејќи од куќа на куќа и собирајќи дарови за црквата.Инаку, честа да ги носи реликвиите на Св. Спасица секогаш и паѓа на најстарата немажена девојка од селото бидејќи се верува дека тоа ќе и помогне да го најде својот к’смет, т.е. своето момче.
 Во Вишни, култот кон света Спасица трае шест века, почнува некаде од крајот на 14 и почетокот од 15 век. Денес се сеќаваме на нив преку пештерската црква Св. Спаса во Вишни и Св. Спас во Вевчани двете прегрнати од Јабланица. Во струшкото село Вишни се слави селската слава Св. Спас или Вознесение Христово. А Вишненци  ја продолжуваат вековната  традиција на пренесување на моштите на Св. Спасица Вишенска од селската црква Св. Атанасие до пештерската црква каде што во  самотен живот  таа го зачувала христијанството.  Селскиот адет налага  девојка на рамо да ги пренесе  моштите  низ живописен  кањон  одалечен од селото на километар и пол. По нивната традиција, девојката која ја носи претходната година иконата, следната да ја носи кутијата.  Стариот обичај моштите да ги пренесе девојка во пештерската црква е пропратен и со обичајот моштите да се мијат со црвено вино и се замотуваат во бел чаршав. За покривање на черепот на Св. Спасица е изработена сребрена маска. Меѓу народот има посебно верување дека Св. Спасица им помага на немажените девојки да ја пронајдат љубовта на својот живот.


















Comments

Popular posts from this blog

НОВИ СВЕТИТЕЛИ: Света Преподобномаченичка Стефанида Битолско-скадарска

Oваа малку позната монахиња и пред нејзиното официјално канонизирање, верниците во Српската православна црква сепак ја сметале за светица и голема сoвремена подвижница. Во Македонија нејзиниот култ е посебно почитуван во манастирот во кој се наоѓаат нејзините мошти и со години на неколку празници се изложуваат во манастирот во село Крстоар, Битолско. А СПЦ има издадено книга посветена на светителката    „Христе, животе мој“ која во 2023 година го добива третото и дополнето издание.   Нејзините писма во 1963 година ги открива тогаш веќе дипломираниот теолог Ристо Радовиќ подоцна митрополит Амфилохие, во библиотеката на Дечанскиот манастир, тој со години собирал сведоштва за нејзиниот живот, бил во нејзиното родно место, во местото каде што била нејзината куќа и го барал нејзиниот гроб во манастирот Свети Христофор. Нејзиното име и го дал на монахињата Стефанида, избирајќи ја за свој небесен покровител. Која со негов благослов напиша акатист за преподобната Стефанида. Преподобната Стефан

МПЦ добила мошти од Св. Ѓорги Кратовски

Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА по молба на парохиски свештеник ереј Горан Трпчевски,доби мошти од Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски, на дар од Драгалевскиот Манастир за истоимената црква во Детроит, САД. По милоста Божја и по молитвите на Светиот Великомаченик Ѓорѓи Кратовски и со благослов од нашиот надлежен Архиереј, Митрополитот на Американско-Канадската Македонска Православна Епархија г. Методиј, на 8 септември 2019 лето Господово, во нашата Македонска Православна Црква-ОА “Св. Вмч Ѓорѓи Кратовски” во Фармингтон Хилс, Детроит Метро во Мичиген, САД, пристигнаа Моштите на светителот донесени од ѓаконот д-р Дејан Коруноски. По предавањето на Моштите, се одржа Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот г. Методиј во сослужение на Архиерејскиот Намесник на Централно-западното Американско Архиерејско Намесништво, протоереј Драган Јорданов и парохискиот свештеник ереј Горан Трпчевски. После службата се пристапи кон поклонение на Светите Мошти

НОВИ СВЕТИТЕЛИ : Свети Гаврил Светогорец Епископ Велички

Епископот Велички Гаврил е роден на 12 јануари 1926 година  во Штип како Мијалче од Православни родители Методиј ( подоцна, со монашко име, Кирил) И Горица Парнаџиеви. Основото и средно училиште ги завршува во родниот Штип. Од 1944 година бил учесник во НОБ подоцна прекомандуван во Корпусот на народната одбрана. По демобилизацијата бил во служба во Народниот одбор во Штип. Бил граничен секретар во Царево село (Делчево), потоа во Кавадарци и на граничната линија на Кајмакчалан. Потоа се запишува на Факултетот за ликовни уметности во Белград каде дипломира во 1955 година по што станува професор по уметност и историја на уметност во гимназијата и Учителската школа во Штип. Мијалче бил еден од најдобрите вајари во земјата, по оцената на ревизорот и познат уметник Борко Лазески, Мијалче бил и еден од најспособните педагози. Скулптурите на Мијалче (Гаврил) и татко му долго ги краселе парковите и институциите во Штип. Бидејќи скулптурите биле од гипс, кој е доста тежок за одржување голем дел